Тапанарот на „Пинк Флојд“, Ник Мејсон, вели дека е отворен за обединување на бендот, но смета дека тоа не е можно поради спорот помеѓу останатите двајца, сега веќе остарени членови.
Легендарната англиска рок група последен пат беше на сцена пред речиси две децении, на добротворен концерт во Лондон во 2005. Во меѓувреме само се засили долготрајната кавга помеѓу Роџер Вотерс и Дејвид Гилмор, што се претвори во еден од најжестоките спорови во рок музиката.
Клавијатуристот Ричард Рајт почина во 2008, а оригиналниот пејач Сид Барет, кој одамна го напушти бендот, почина во 2006.
Запрашан дали би се согласил со обединувањето на бендот, 80-годишниот Мејсон одговори:
„О да, секако! Но, мислам дека не би имало многу интерес кај Роџер и Дејвид да работат заедно“.
Вотерс, кој денес има 80 години, замина од бендот во 1985 поради лични и креативни разлики и со години водеше правна битка за користење на името „Пинк Флојд“. Спорот помеѓу него и Гилмор само се влоши во изминатите години, па тие се препукуваа и преку социјалните мрежи.
Вотерс беше креативната сила зад најпознатите албуми на групата, додека вокалот и гитарата на Гилмор помогнаа да се обликува нејзиниот препознатлив звук.
Наспроти нив, Мејсон и Вотерс настапија заедно на еден концерт во Њујорк во 2022.
„Тоа беше одлично, но навистина мислам дека нема апетит за целосно обединување“, кажа Мејсон.
(Фото: Гети)