ПО 27 ГОДИНИ, МАКЕДОНИЈА КОНЕЧНО ПОБЕДИ ФУДБАЛСКА ВЕЛЕСИЛА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Иако веќе 27 години игра квалификации за големи натпреварувања, Македонија никогаш досега не победила репрезентација од самиот врв на светскиот фудбал. Сѐ до синоќа, кога во Дуизбург со 2:1 беше победен и посрамотен четирикратниот и трикратен европски шампион Германија.

Во изминатите речиси три децении повеќе важевме за незгодна селекција која на други може да им ги помрси сметките, отколку што самите бевме блиску до пласман на некое првенство. Имаше по некое големо реми, на Градски ги гледавме и Шпанија, Италија, Белгија, Шведска…, а победа на која најдолго се навраќавме беше онаа над Ирска од 3:2 во Скопје во 1998 година.

Сѐ до вчера.

ДАНСКА

Данска можеби никогаш немала статус на фудбалска сила, но нерешените 1:1 во Скопје во 1994 година беа остварени во моментите кога таа беше актуелен европски првак. Згора на тоа, ова беше деби на Македонија во едни квалификации и тоа со тим од кој имавме големи очекувања.

Пандев го постигнува првиот гол против Германија (Фото: ФФМ)

АНГЛИЈА

Ремито 2:2 во Саутемптон во 2002 е еден од оние спортски моменти што заслужуваат да бидат дел од македонскиот фолклор, исто како и Артим Шаќири, чиј гол од корнер ја запечати репрезентативната кариера на Дејвид Симан.

Четири години подоцна повторно се вративме непоразени од островот, овојпат со 0:0 на „Олд Трафорд“ во Манчестер.

ХОЛАНДИЈА

Македонија има два нерешени дуела и со Холандија, од кои понезаборавен резултат е 2:2 од Скопје во 2004 година. Стрелец на првиот гол за Македонија беше Пандев. На реваншот во Амстердам беше 0:0, кога квалификациите за СП 2006 веќе беа решени.