Драмскиот Аматерски Фестивал (ДАФ), кој требаше да се одржи од 12 до 17 мај во Кочани по 62 пат, оваа година е одложен поради пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март во кој загина 61 лице, објавија организаторите.
Одлуката е донесена за да се изрази почит и сочувство за сите кои се погодени од овој трагичен настан.
„Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејствата на жртвите, а на сите оние кои се во процес на закрепнување им посакуваме брзо оздравување и сила да го пребродат овој болен период. Како што рекол Шекспир, тажната сенка не ја мери длабочината, туку светлината која останува по неа. Нека овој цитат ни биде утеха, дека светлината и надежта секогаш ќе изникнат, и ќе нѐ водат низ тешкото време“, велат од ДАФ.
Конкурсот за учество на фестивалот беше распишан на 12 февруари. Оваа година, темата требаше да биде комедија.
П.ПЕЧКОВ
Фото: Лани на ДАФ, наградата во категоријата за колективна игра ја доби претставата „Чернодрински се враќа дома” во изведба на „МТЦ Зона“ од Прилеп