Младинската претстава „Едвард Раце Ножици“ премиерно ќе се изведе вечерва во 20 часот во Театарот за деца и младинци. Режисерката Нела Витошевиќ го постави сценариото на Тим Бартон и Каролајн Томпсо и ја работеше според истоимениот филм од 1990 со Џони Деп.

„Нашата претстава зборува за тоа дека треба да ги прифаќаме различните од нас и да ги надминеме предрасудите кон другите. Во оваа смисла, таа ги поставува прашањата за тоа колку е нашето општество зрело и колку сме ние зрели за соживот со некој што изгледа, зборува и се облекува поинаку од нас. Жанровски, ова е современа бајка која се занимава со третманот на различностите“, вели Витошевиќ и додава дека претставата е наменета за публика над 14 години.

Главниот лик го игра Бојан Кирковски, а играат уште 12 актери. Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимите на Роза Трајческа-Ристовска, а музиката на Огнен Анастасовски. Терминот за младински претстави е среда од 20 часот.