Луксузен хотел во Вашингтон адаптираше еден од своите апартмани во ист стил како потпретседателската канцеларија од популарната ТВ-серија „Потпретседателка“ (Veep).

Претседателскиот апартман „Селина Мејер“ во хотелот „Хамилтон“ е направен во соработка со Ејч-Би-О, мрежата која ја емитуваше серијата седум сезони, почнувајќи од 2012. Во серијата, која престана да се емитува во мај, главната улога на политичарката Мејер ја игра Џулија Луис-Дрејфус, за која доби рекордни седум Еми награди.

Апартманот во чест на наградуваната серија има автентични мебел и предмети од сетот, објави хотелот. Според неговата интернет страница, ноќевање во апартманот на 12. спрат чини 600 долари.