ПРЕТСТАВАТА „СРЕЌЕН МРТОВЕЦ“ СО БЛАГОЈА ЧОРЕВСКИ ЌЕ СЕ ИГРА ВО НАЦИОНАЛНАТА ОПЕРА И БАЛЕТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
На 13 март, во Националната опера и балет од 19 часот ќе се одигра претставата „Среќен мртовец“ со Благоја Чоревски во главната улога. Минатата година, оваа претстава се играше двапати во Домот на АРМ во Скопје и еднаш во Штип.

„Јас го играм Живко, ‘живиот мртовец’, за кого на семејството ќе му јават дека е починат, а тој е всушност жив. Тука започнува нивната голгота, трчање од шалтер на шалтер за вадење документи. Темата на претставата не е слична со филмот ‘Викенд на мртовци’. Приказната е идеална за денешно време, кога по една година чекаме за да извадиме нови лични документи“, ни изјави Чоревски во декември.

Во претставата играат и Ирена Илиевска, Марија Лазарова, Ивана Стамевска, Огнен Велевски и Јасмин Рамани. Автор е Марјан Анѓеловски, а претставата е во продукција на алтернативниот театар „Отпишани“. Цената нa влезниците е 300 денари.

На 30 јануари, заедно со шестмина други културни доајени, Чоревски доби Орден за заслуги од претседателот Стево Пендаровски и рече дека тоа е големо признание и заокружување на неговата работа.