Вечерва во 19 часот во Чифте амам ќе биде претставен мултимедијалниот проект „Пејзажно искуство“ , национален претставник на ланското 59. Венециско биенале за уметност.
Станува збор за проект на уметниците Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, а координатор е Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ).
Оттаму велат дека „Пејзажно искуство“ предоминантно се занимава со причините и апсурдите на човековата егзистенција, со убавото и грдото, со кризата на духот, но, исто така се занимава и со доминацијата на капиталот, колонијалните политики, идеологиите и технологијата кои влијаат врз разобличувањето на рамнотежата на човекот, живиот свет и природната средина во екосистемот.
Куратори на проектот се Ана Франговска и Сања Којиќ-Младенов, а ќе биде поставен во Чифте амам до 30 април.