ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „МИЛЧО ЗА МАНЧЕВСКИ“ НА 22 ЈАНУАРИ ВО КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Книгата „Милчо за Манчевски“ од Атанас Чупоски ќе биде промовирана на 22 јануари од 19 часот во Кинотеката.

Книгата, како што вели приредувачот Чупоски, претставува обид да се опфатат многубројните аспекти од животот и работата на Манчевски, еден од македонските најнаградувани и во светски рамки најреномирани македонски филмски автори.

Корицата на книгата (Фото: Кинотека)

Книгата го опфаќа периодот од неговата младост помината во родното Скопје до денес – раниот интерес за театарот и филмот, студиите на филмска академија во САД, почетоците на филмската кариера, педагошката дејност во Њујорк, односот кон политиката и политичарите.

„Сето тоа надополнето со исцрпна анализа на начинот на продукција, условите за работа, реализацијата, соработниците, режисерската експликација и филмолошката анализа, дистрибуцијата, фестивалите, успехот или неуспехот на седумте негови долгометражни играни филмови и сите останати кусометражни филмови, како и други пројави на неговата творечка личност“, пишува во предговорот Чупоски.

Ќе ја промовираат Славица Србиновска, Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и филмскиот критичар Златко Ѓелески.

По промоцијата, од 20 часот ќе има проекција на филмот „Прашина“, кој во 2001 го отвори Филмскиот фестивал во Венеција.

Фото: Ѓ. Личовски