ПРВАТА САМОСТОЈНА ИЗЛОЖБА ВО ШТИП ИМ ЈА ПОСВЕТИВ НА ЖЕНИТЕ, ВЕЛИ УМЕТНИЦАТА ЖИВКА ВЕЛИЧКОВСКА ОД КУМАНОВО

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Кумановската уметница Живка Величковска им ја посвети на жените својата прва самостојна изложба во Штип со наслов „Цвеќе“. Изложбата се отвора денеска (12 февруари) во 18 часот во Домот на културата во Штип.

„Изложбата на мојата омилена тема им ја посветувам на жените, чиј ден се приближува. Моите акварели се апстракција на цвеќе кое за мене симболизира внимание, љубов, почит и искреност“, вели Величковска.

Таа е дипломирана економистка, а сликарството е, како што вели, нејзината прва љубов.

„Од 2019, кога заминав во пензија, ја продолжив мојата животна и работна активност токму со уметноста и почнав да се занимавам и со рачна изработка на украсни предмети од гипс, глина, хартија за рециклирање и декупаж техники. Работам акрил и темпера на различни подлоги“, вели Величковска.

Изложбата содржи над 40 слики и е во рамките на соработката со Културниот дом во Куманово, каде што таа била дел од неколку групни изложби.

Т. ЈОВАНОВСКИ