Холивудската ѕвезда Рајан Рејнолдс е решен да го претвори англискиот фудбалски петтолигаш Рексам во „глобална сила“. Тој и неговиот колега Роб Мекелхени сакаат да го купат клубот од фановите, во чија сопственост се наоѓа од 2011 и добија зелено светло за почеток на преговори.
„Рексам е третиот најстар фудбалски клуб на светот и мислиме дека би можел да биде светски познат. Сакаме да биде глобална сила“, се вели во заедничката изјава на Рејнолдс и Мекелхени, ветувајќи дека секогаш ќе го победуваат вечниот ривал Честер.
Рексам, кој доаѓа од истоимениот велшки град, е основан во 1864 година, што го прави шести најстар фудбалски клуб на светот, односно трет во професионалниот фудбал.
„Нашата намера е ние да станеме дел од приказната на Рексам, а не обратно. Ветуваме дека ќе го почитуваме 156-годишното наследство на клубот. Штом ни дозволат обврските, планираме да дојдеме да го гледаме како игра“, велат актерите.
Фановите во текот на оваа недела ќе гласаат за понудата, а одлуката треба да биде соопштена на 16 ноември.