РАСТЕ ИНТЕРЕСОТ ЗА ОТСЕКОТ ПОПУЛАРНИ ЖАНРОВИ НА ФМУ, МОЖАТ ДА СЕ ЗАПИШАТ И СТУДЕНТИ БЕЗ ПРЕТХОДНО МУЗИЧКО ОБРАЗОВАНИЕ, ВЕЛАТ АНДРИЈАНА ЈАНЕВСКА И ДАРИЈА АНДОВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во 2022, по неколку години пауза, на Факултетот за музичка уметност во Скопје повторно се формираше Катедрата за популарни жанрови. Интересно е што на овој отсек можат да се запишат и студенти без завршено средно музичко училиште.

„Отсекот се формираше во 2012, па беше ставен во мирување од страна на претходната управа, иако постоеше огромен интерес. Во 2022, со почетокот на мојот мандат како декан, веднаш беше реафирмиран, а една година подоцна конечно се оформи Катедра за популарни жанрови“, вели деканката на ФМУ, Дарија Андовска.

„Со оглед на долгиот период на мирување на оваа програма, но и на активностите на ФМУ, разбирливо е дека веројатно немало доволно информации. Во наставата се ангажирани исклучителни музичари и професионалци“, додава таа.

Програмата е конципирана така да можат да се запишат и оние кои имаат талент и интерес, но немаат претходно музичко образование.

„Постои и подготвителна настава на ФМУ, која ги спрема идните студенти за приемните испити“, вели деканката.

На овој отсек предава и поп-пејачката и виолинистка Андријана Јаневска и тоа вовед во популарна музика, солфеж и соло пеење.

„Вовед во популарна музика предвидува изучување на историјата на популарните жанрови, почнувајќи од регтајм, џез, блуз, рокенрол, па сѐ до денешната поп музика. Предметната програма по солфеж има за цел развивање и усовршување на базичната компонента на професионалниот музичар. Со севкупното активирање на музичкиот слух, како и со развојот на музичката меморија и внатрешниот музички слух, студентите се оспособуваат за брзо анализирање и репродуцирање на музиката. Целта на студиската програма по соло пеење е формирање музичка личност – пејач на високо професионално ниво, оспособен за самостојно вршење на сите видови креативни изведувачки процеси. Преку изучување и интерпретирање на дела од различни стилови и форми на популарните жанрови се поттикнува и охрабрува неговиот креативен потенцијал, а воедно се обучува и се стекнува со знаења и вештини потребни за делување во сите сфери на музичката професија како пеjач солист и пеjач во вокални и вокално-инструментални состави“, вели Јаневска.

Андријана Јаневска е професор на отсекот Популарни жанрови на ФМУ, со деканката Дарија Андовска (Фото: Фејсбук)

Таа е горда на сите нејзини досегашни студенти, но ги издвојува двете први награди на нејзини студентки по соло пеење на Меѓународниот фестивал „Сергеј Михајлов“ во Штип.

Деканката Андовска вели дека со оглед на ангажманот на наставниот кадар убедени се дека бројката студенти повторно ќе биде со нагорен тренд.

„Нашите колеги беа во обиколки на средните музички училишта, каде имаа работилници и презентации на студиската програма, па преку непосредните контакт и пристап верувам дека побудија уште поголем интерес“, вели Андовска.

М. ЏАРОВСКА