РОДИТЕЛИТЕ НА АВИЧИ ЌЕ ГО НАСЛЕДАТ НЕГОВОТО БОГАТСТВО ОД 25 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Стокхолм, (Си-Ен-Ен)

Целото богатство од 25 милиони долари на шведскиот диџеј и продуцент Авичи, кој се самоуби лани, ќе го наследат неговите родители, се дознава од финансиските извештаи на Шведската даночна агенција.

Авичи, чие вистинско име е Тим Берглинг, беше пронајден мртов во Оман во април 2018 година, на возраст од 28 години. Тој не остави тестамент, не беше женет, ниту имаше деца. Според шведскиот закон, тоа ги прави неговите родители легитимни наследници на неговиот финансиски имот.

Куќата на Авичи во Лос Анџелес, според „Лос Анџелес тајмс“, се продаде за 17,5 милиони долари.

Авичи беше еден од најуспешните и најплатени светски диџеи, кој работеше со ѕвезди како Мадона и Крис Мартин. Се повлече во 2016 година со 800 настапи зад себе и тој кажа дека ваквото темпо на кариерата придонесло за неговите психички проблеми и алкохолизам.