РОНАЛДО СТАНА ПРВИОТ ФУДБАЛЕР СО 200 НАСТАПИ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА, НО АПСОЛУТНИОТ РЕКОРД Е НЕДОСТИЖЕН

Исланд, (Би-Би-Си)

Кристијано Роналдо стана првиот фудбалер во историјата кој одиграл 200 натпревари за репрезентацијата, достигнувајќи го уникатниот јубилеј на вчерашната средба со Исланд, на која го постигна победничкиот гол во 89. минута. Тоа беше неговиот 123. гол во дресот на Португалија, со што го зголеми сопствениот светски рекорд.

Роналдо во март го собори рекордот на напаѓачот на Кувајт, Бадер Ал-Мутава (196 настапи) и пред дуелот со Исланд му беше доделен сертификат од Гинисова книга на рекорди.

Триесет и осумгодишниот Роналдо дебитираше за Португалија во 2003 и во меѓувреме настапи на пет светски и пет европски првенства.

Сепак, тој и натаму е далеку од апсолутниот рекорд во фудбалот, што го држи Кристин Лили, која забележа 354 настапи за селекцијата на САД во периодот од 1987 до 2010. Дури 26 фудбалерки имаат повеќе од 200 репрезентативни мечеви.

(Фото: АП)