СЕ ВРАТИВ КАДЕ ШТО ПРИПАЃАМ, КАЖА РОНАЛДО ОТКАКО ПОТПИША ДВЕГОДИШЕН ДОГОВОР СО МАНЧЕСТЕР

Манчестер, (Би-Би-Си)

По Лео Меси, и Кристијано Роналдо промени клуб ова лето, откако денеска го официјализираше своето враќање во Манчестер јунајтед по 12 години. Тој потпиша двегодишен договор, со опција за уште една, а Јунајтед ќе му плати на Јувентус почетни 15 милиони евра.

Роналдо кажа дека се враќа таму каде што припаѓа и додаде дека тоа му го должи на бившиот тренер Алекс Фергусон.

„На сите кои ме знаат им е добро позната мојата бесконечна љубов кон Манчестер јунајтед. Годините што ги поминав во овој клуб се апсолутно неверојатни, а патот што го поминавме заедно е испишан со златни букви во историјата на оваа голема институција. Не можам да ги опишам моите чувства во моментов“, изјави Роналдо.

Петкратниот освојувач на Златната топка постигна 118 голови на 292 средби за Манчестер, пред да се пресели во Реал Мадрид во 2009 година.

„Тука сум! Се вратив каде што припаѓам. Сер Алекс, ова е за тебе“, кажа Роналдо.

Тој ќе има можност повторно да дебитира во црвениот дрес на 11 септември, против Њукасл на „Олд Трафорд“. Сепак, неговиот некогашен дрес со број седум сега е зафатен од Единсон Кавани.