СЕМЕЈСТВОТО НА СТИВ ИРВИН СПАСИЛО 90.000 ЖИВОТНИ ВО СВОЈАТА БОЛНИЦА, ОД КОИ МНОГУ ПОВРЕДЕНИ ВО ПОЖАРИТЕ

Сиднеј, (Си-Ен-Ен)

Семејството Ирвин продолжува да го негува наследството на Стив Ирвин во спасувањето и заштитата на дивиот свет.

Неговата ќерка Бајнди изјави дека таа и нејзиното семејство досега спасиле и лекувале 90.000 животни, вклучувајќи многу кои настрадале во катастрофалните пожари што веќе со месеци ја пустошат Австралија.

Бајнди Ирвин пред фотографијата на нејзините баба и татко (Фото: Инстаграм)

„Срцето ни се кине за сето она што го имаат изгубено луѓето и природниот свет во катастрофалните пожари. Нашата болница за дивиот свет е поангажирана од кога било и досега тука им помогнавме на повеќе од 90.000 животни. Моите родители ѝ ја посветија оваа болница на баба ми и затоа во нејзина чест ќе продолжиме напорно да работиме за да спасиме што е можно повеќе животи“, напиша 21-годишната Бајнди Ирвин на Инстаграм.

Таа додаде дека нивната зоолошка градина не е загрозена од пожарите.

Најмалку 24 луѓе загинаа во пожарите кои почнаа во септември, додека животинскиот свет претрпи огромни уништувања. Експертите од Универзитетот во Сиднеј проценуваат дека досега умреле најмалку половина милијарда животни, вклучувајќи 8.000 коали, што е една третина од нивната популација во сојузната држава Нов Јужен Велс.

„Ние проценуваме дека големите животни, како кенгури и емуа, но и повеќето птици, се способни да избегаат како што огнот се ближи. Помалку подвижните видови и оние помали кои зависат од шуми се најзагрозени“, вели Крис Дикмен, професор на Универзитетот во Сиднеј.