ШЕРПАСОТ РИТА ПО РЕКОРДЕН 22. ПАТ ГО ИСКАЧИ МОНТ ЕВЕРЕСТ

Катманду, (Гардијан)

Искусен шерпаски водич го собори светскиот рекорд, откако по 22. пат се искачи на Монт Еверест.

„Ками Рита стигна на највисокиот врв на светот вчераутро со тим од странски планинари и сите веќе безбедно се вратени во еден од пониските кампови“, изјави еден претставник на непалската влада.

Во исто време, 44-годишната Лакпа Шерпа го подобри сопствениот рекорд во женска конкуренција, откако по деветти пат го искачи Монт Еверест.

Четириесет и осумгодишниот Рита досега го делеше рекордот со двајца други Шерпаси, кои се пензионираа пред неколку години. Пред да тргне повторно нагоре, тој кажа дека му е желба да го искачи Монт Еверест 25 пати.

Планинарењето отсекогаш било присутно во неговото семејство. Татко му бил еден од првите професионални водичи, откако Непал се отвори за странски планинари во 1950 година, а неговиот брат 17 пати бил на врвот. Повеќето од неговите роднини, исто така, барем еднаш го оствариле тоа.

Ками Рита првпат го искачил Еверест кога имал 24 години и оттогаш, секоја година барем еднаш го правел тоа.