Општините Македонска Кaменица, Кочани и Штип организираат забавно-музички дочек на Новата година на отворено. Во Кочани во тек е новогодишен базар, а за новогодишната ноќ во Градскиот парк ќе има музичка програма. Новогодишна забава ќе има и во Македонска Каменица која на посетителте ќе им нуди музика и греано вино.
На новото шеталиште на улицата „Ванчо Прќе“ во Штип (фото) веќе цел месец, секојдевно се одвива новогодишниот базар преку целиот ден, а навечер има програма со повеќе музички имиња, аниматори, жонглери, кловнови.
Викендов (28 и 29 декември) дефиле имаа штипските велосипедисти и моторџиите кои облечени во Дедо мраз посетија повеќе градинки, Детското одделение на Клиничката болница каде поделија новогодишни пакетчиња, а илјадници пакетчиња поделија и на главната бина на шеталиштето кое вриеше од деца и нивните родители.
Според општинските власти на Штип, за новогодишната ноќ, ќе настапат штипските бендови „Креатив“, „Астибо“ и бендот на браќата Ареви. Програмата ќе трае од 21 до 1 часот по полноќ.
Т. ЈОВАНОВСКИ