ШВАРЦЕНЕГЕР Е НЕЗАПИРЛИВ И ПОЗДРАВ ОД КОГА БИЛО, ВЕЛИ СТАЛОНЕ

Лос Анџелес, (Јаху)

Арнолд Шварценегер за првпат се појави на јавен настан откако пред два месеца имаше отворена операција на срцето и неговиот колега и пријател Силвестер Сталоне го опиша како незапирлив.

Шварценегер, Сталоне и Џејсон Стејтам, инаку ѕвезди на серијалот „Платеници“, се здружија за добротворен настан, на кој се собираа средства за непрофитна организација на поранешниот гувернер на Калифорнија, која обезбедува бесплатни програми за деца по завршување на училиште.

Претставник на Шварценегер кажа дека притоа биле собрани околу 2,1 милион долари, а Сталоне даде одговор на прашањето што сите ги интересира.

„Арни е незапирлив и изгледа поздрав од кога било“, кажа Сталоне.

Пред неколку дена, Шварценегер се пофали дека ѝ се вратил на својата дневна рутина и повторно почнал да вежба во теретана.

„Враќањето беше одлично, сѐ изгледа фантастично“, кажа Шварценегер.