ШВЕДСКАТА КРАЛИЦА СИЛВИЈА МИ ЧЕСТИТАШЕ ЗА НАСТАПОТ ВО ПАЛАТА ВО СТОКХОЛМ, ВЕЛИ ОПЕРСКАТА ПЕЈАЧКА МИЛАНКА НОВЕСКА ОД ОХРИД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Шведската кралица Силвија го пофали настапот на македонската оперска пејачка Миланка Новеска-Густавсон, која е добитник на кралската стипендија „Johanneslogen Erik“ и веќе три години живее во Шведска.

„Настапив на церемонија во театарот на палатата Дротнингхолм, која беше организирана како прослава за нашите кралски стипендии. Луѓе кои работеле на проект во овој театар и покажале голем успех, професионалност и потенцијал за уште поголемо уметничко развивање имаат можност да аплицираат за оваа стипендија. На церемонијата настапив со сцена од операта ‘Магичната флејта’ од Моцарт. Кралицата ни ги додели стипендиите и заедно разговаравме за важноста на поддршката за уметници со потенцијал која би овозможила раст на кариерата и многу повеќе можности. Кралицата го водеше настанот и лично разговаравме за тоа колку е важно да се поддржуваат уметностите. Инаку, беше воодушевена од мојот настап и ми пристапи да ми честита“, ни рече Новеска.

Во Стокхолм се преселила поради работата и нејзиниот сопруг, кој е Швеѓанец.

„Претходно осум години бевме во врска на оддалеченост додека студиравме. Тој е исто музичар, виолинист и професор по хармонија и солфеж. На почетокот ми беше исклучително тешко да се прилагодам затоа што студирајќи и работејќи во Букурешт седум години имав стекнато многу блиски пријатели и бев на работни позиции и проекти кои ги напуштив заради преселбата. Оттука започна една нова фаза во мојот развиток, која со упорност ми отвори нови прекрасни можности и, секако, имајќи го сопругот Роде покрај мене, ми се овозможи многу поголема емотивна стабилност“, рече мецосопранот Новеска.

Новеска со кралицата Силвија, која ѝ ја додели оперската стипендија и со кралското семејство (Фото: М. Гардер)

Неодамна, таа стана заменик-член на Националниот хор на Радиото во Стокхолм. Работи во оперски продукции во Шведска и други земји, а следниот настап ќе ѝ биде во Италија, во операта ‘Јулиј Цезар’ од Хандел.

Највпечатливи за неа досега се настапот како Мерцедес во операта „Кармен“ на Крит со Филхармонијата на Атина, настапот во Дротнингхолм со операта „Кралицата Самовила“ и улогата на Тизбе во операта „Сенерентола“ во Букурешт. Новеска вели дека, за жал, дома во Охрид не била речиси две години.

„Со тоа што добивам постојано различни ангажмани немав можност да дојдам. Аплицирав годинава до нашето Министерство за култура, со надеж дека ќе настапам во Македонија. Македонската публика ми е голема поддршка и многу би сакала да настапам и дома. Оваа година не ми беа одобрени средства, но се надевам дека во некоја наредна прилика ќе се случи тоа“, вели Новеска.

Средно музичко училиште таа завршила во Скопје и добила целосна стипендија од романското министерство за образование за да ги продолжи студиите во Романија. Наградена е со медал како ученик на генерацијата во 2019 во Букурешт и со наградата „Патрон на градот Св. Климент Охридски“ во Охрид. Новеска ги комплетираше своите втори магистерски студии на Катедрата за опера во Стокхолм.

М. ЏАРОВСКА