СИ ОДАМ ОД ФЕЈСБУК ПОРАДИ НАПЛИВОТ НА ЛАЖНИ ВЕСТИ, ВЕЛИ МАЈСТОРОТ НА ХОРОРИ СТИВЕН КИНГ

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Седумдесет и двегодишниот писател Стивен Кинг објави дека го напушта Фејсбук поради големиот наплив на лажни вести и загрозување на приватноста.

„Го напуштам Фејсбук. Не ми е удобно со напливот на лажни вести кои се дозволени во политичките реклами, а и не сум убеден во способноста на мрежата да ја заштити приватноста на нејзините корисници. Можете да продоложите да ме следите на Твитер“, напиша Кинг, по што беше избришан неговиот профил.

Како еден од најпознатите писатели во хорор жанрот, Кинг е автор на над 50 книги и голем дел од нив се адаптирани за филм и телевизија, како „Тоа“, „Сјаење“ и „Кери“.

Фејсбук на 9 јануари објави дека нема да го забрани политичкото рекламирање, додека Твитер уште во октомври го стопираше.