СКОПСКА ДВОЈКА ПОБАРА ОД ГОСТИТЕ НА СВАДБАТА ДА ДОНЕСАТ УЧИЛИШТЕН ПРИБОР МЕСТО ЦВЕЌЕ, ПА ГО ДОНИРАШЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Наместо цвеќе како подарок на нивната свадба, Елена и Стојан Спасевски од Скопје ги замолиле гостите да донесат училиштен прибор, кој потоа го донираа во Општинската организација на Црвен крст во Гази Баба во Скопје. Елена Спасевска вели дека донирале околу 30 пакети училиштен прибор за првачиња, како и пакети за деца од погорни одделенија.

„Размислувавме со сопругот за идејата место цвеќе, гостите да донесат нешто друго, кое исто така ќе го подариме, но ќе биде покорисно. Не напишавме на свадбените покани гостите да донесат училиштен проибор место цвеќе, не сакавме да ги обврзуваме сите. Им кажавме само на оние кои телефонски ни се јавија да ни потврдат дека доаѓаат на свадбата, ако сакаат да донесат колку што им дозволуваат можностите. Се изненадивме колку многу пакети се собраа, не ја знам точната бројка“, ни рече Спасевска.

Вели дека и таа и сопругот сакале да донираат училиштен прибор за деца од социјално загрозени семејства и отишле да купат, па го предале заедно со другите донации во Црвен крст.

Спасевски во Црвен крст донирале 30 пакети за првачиња и плус за деца од погорните одделенија (Фото: приватна архива)

„Кога ги видовме цените на приборот, сфативме дека некои гости потрошиле и повеќе отколку што чини еден букет цвеќе, зашто имаше и училишни ранци. Како и да е, на сите наши пријатели сме им многу благодарни“, вели Спасевска.

Свадбата била пред неполни две недели, а Елена и Стојан заклучиле дека е одличен тајминг да се подари прибор пред почетокот на учебната година. На 30 август, екипа на Црвен крст ќе ги подели по училиштата.

Тие ги охрабруваат сите кои планираат свадба да ја „украдат“ нивната идеја и да направат слични хумани акции. Здравко Георгиевски, секретар на Црвен крст во Гази Баба, вели дека овој гест треба да биде пример и за другите брачни двојки.

М. ЏАРОВСКА