СО УНИКАТНА МОДНА РЕВИЈА И ИЗЛОЖБА, СРЕДНОТО УМЕТНИЧКО УЧИЛИШТЕ ВО СКОПЈЕ ГО ПРОСЛАВИ 80-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со уникатна модна ревија, изложба и доделување награди на најуспешните ученици, средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“ од Скопје го прослави 80-годишниот јубилеј.

Кала Робев е прогласена за ученик на генерацијата. – Со директорот на училиштето Димитар Филиповски (Фото: Б. Арсовски/И. Петрески)

„Моите две деца од гордост ме прават повисок, но овие мои 260 деца ме прават повисок за 10 сантиметри“, рече директорот на училиштето Димитар Филиповски, кој им додели награди на најуспешните.

Учениците по повод јубилејот промовираа и мурали од Микеланџело, Леонардо и Де Кирико, проект работен со Италијанската амбасада.

Беа промовирани мурали од Микеланџело, Леонардо и Де Кирико (Фото: Фејсбук)

Сликаа учениците од прва, втора и трета година од сликарски отсек под менторство на професорот Сашо Барјактаров. На роденденскиот настан гости беа и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри и академик Газанфер Бајрам, кој како поранешен професор едуцирал многу генерации во училиштето.

Креација на ученичката Азра Исмаили (Фото: Б. Арсовски/И. Петрески)

„Ако сакате да оставите дело 100 години по вас, посејте семе, а ако сакате за вас да се зборува 1.000 години, создадете уметност“, кажа академик Бајрам.

Креација на Анастасија Стојанова (Фото: Б. Арсовски/И.Петрески)

На модната ревија имаше интересни и впечатливи дизајни од ученици кои ги носеа млади модели, нивни соученици и пријатели. Азра Исмаили, Сара Костовска, Дамјан Дамјановски, Клара Станојкова, Јана Димишковска, Ангела Атанасовска, Миа Николиќ, Анастасија Стојанова, Михаела Ѓеорѓиевска, Ивона Илиевска, Софија Кутаноска, Милена Пешевска, Ева Кариќ, Ивана Гијовска, Невита Аџија и Ема Талеска ги прикажаа своите креации како млади талентирани дизајнери. Ментор е Елена Вангеловска, модните додатоци се на Гоца Каникова, а стручен соработник Раде Василев.

Креација на ученичката Јана Димишковска (Фото: Б. Арсовски/И. Петрески)

Во училиштето е отворена годишната завршна изложба на учениците од прва до четврта година во учебната 2023/24. Изложени се слики, мозаици, графики, цртежи, фотографии, керамики, актови и дизајни од областа на текстилот, ентериерот и мебелот.  

 

М. ЏАРОВСКА