СТОКХОЛМ СЕ ЖУРКАШЕ ВО ЧЕСТ НА АВИЧИ

Стокхолм, (Би-Би-Си)

Илјадници фанови вчера се собраа во центарот на Стокхолм за да ѝ оддадат почит на една од најголемите шведски музички ѕвезди, диџеј Авичи, кој почина во петокот во Оман на 28-годишна возраст.

Причината за смртта не е објавена, но локалната полиција кажа дека нема сомнителни околности.

Фановите го исполнија Сергелс торг, најголемиот плоштад во Стокхолм, родниот град на Тим Берглинг, за по минута молчење, тажниот настан да се претвори во журка, откако беа пуштени некои од неговите најголеми хитови.

Илјадници фанови на Авичи го исполнија централниот плоштад во Стокхолм (Фото: АП)

„Никој од нас не го познаваше лично, но пораснавме на неговата музика и тој на некој начин ја обликуваше нашата младина. Тој многу, многу ни значеше на сите нас“, изјави Арман Чинкиташ, еден од организаторите на настанот.

Уникатна посвета Авичи доби во холандскиот град Утрехт, каде што камбаните на локалната катедрала од 14. век „отсвиреа“ мелодии од негови три големи хита.

И на фестивалот „Коачела“ во Калифорнија му се оддаваше почит на Авичи.

„Тој беше мојата најголема музичка инспирација. Мислам дека денеска немаше да бидам на сцената доколку не беше тој. Знам дека тој инспирираше милиони музичари“, ѝ се обрати на публиката диџеј Киго.