Меланија Трамп присуствуваше на официјален настан во Белата куќа заедно со сопругот Доналд, прекинувајќи го отсуството од јавноста долго 24 дена.
Таа објави фотографија на Твитер од настанот одржан во чест на воените ветерани.
„Почестена сум што можам да им оддадам признание на нашите паднати херои“, напиша првата дама на САД.
Меланија Трамп за последен пат се појави во јавност на 10 мај, а четири дена подоцна, беше примена во воениот медицински центар „Волтер Рид“, каде што, како што беше појаснето од Белата куќа, беше подложена на третман за бенигна бубрежна состојба. Операцијата поминала без компликации, по што таа помина пет дена во болница, но отсуството од јавниот живот покрена низа шпекулации за нејзините здравје и брак, вклучувајќи и таква дека со синот се преселила во Њујорк.
Трамп дури се пошегува за ова на настанот „Златна ѕвезда“.
„Каде е Меланија? Дали го напуштила Трамп?“, запраша тој во еден момент, покажувајќи на Меланија во првиот ред.