СВЕТОТ МИСЛИ ДЕКА ВО СЕВЕРНА КОРЕЈА СЕ ГЛАДУВА, А ТАА ИМА ОСВОЕНО 56 ОЛИМПИСКИ МЕДАЛИ

Њујорк, (Мик)

Медиумите често ја претставуваат Северна Кореја како изолирана и мистериозна држава, во којашто народот гладува, неистомислениците се праќаат во ужасни работни логори, а ексцентричниот лидер Ким Џонг-Ун во секој момент е подготвен да ја нападне Америка со нуклеарни проектили.

Па, сепак, истата таа Кореја сака да настапи на претстојните Зимски олимписки игри во Пјонгчанг, кај својот омразен јужен сосед и договорот за тоа беше постигнат денеска.

Северна Кореја има освоено 56 олимписки медали од Игрите во Минхен во 1972 година наваму, додека некои држави како Бангладеш немаат ниту еден. Пред шест години во Лондон, таа освои шест, а потоа седум на следните ОИ во Рио.

„Спортот отсекогаш бил важно дипломатско средство за Северна Кореја. И на летните и на зимските олимпијади, нејзините спортисти се претставуваа доста добро. Тоа е еден од оние глобални настани, што не се строго политички за Северна Кореја, па таа може фер да се натпреварува со други земји. Таа сака да се покаже пред светот“, вели професорот Харисон Ким, кој го има проучувано системот на Северна Кореја.

И покрај огромното медиумско внимание за време на олимпијадите, јавноста малку дознава за севернокорејските спортисти.

Рим Џонг-Сим освои злато во кревање товар на ОИ 2012 и најважно ѝ било што со тоа го усреќила лидерот Ким (Фото: Гети)

Во 2012 година, Северна Кореја освои четири медали во кревање товар, а најголемата ѕвезда стана 19-годишната Рим Џонг-Сим.

„Прво што помислив кога го освоив златото е дека го усреќив нашиот сакан лидер“, кажа Рим.

Северна Кореја, наводно, тогаш им даде луксузни станови на оние кои освоија медал, но што е со оние кои потфрлуваат.

„Со сигурност знаеме дека се измислени оние приказни дека се праќаат во логори и рудници на принудна работа. Секако дека има последици за некои тренери и спортисти, но тие или добиваат отказ или се враќаат на својата дневна работа, што, исто така, не е пријатно“, вели Ким.