ТАНЦ ФЕСТ ЈА ДОДЕЛИ ГОДИНАШНАТА НАГРАДА МЕНАДА ЗА МЛАД УМЕТНИК НА МАТЕА КИСЕЛИЧКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Кореографката и танчарка Матеа Киселичка е годинашната добитничка на наградата Менада за млад уметник, соопшти Танц фест Скопје. Таа се доделува со цел да ги промовира современиот танц и танцовата уметност во целост, во насока на поттик и унапредување на младите уметници и нивни пробив на интернационалната сцена.

Киселичка моментално работи како професор по современ танц на музичкиот конзерваториум „Зеџијанг“ во Кина. Таму во 2019 ги создаде кореографските дела „Убаво што ме запозна“ и „ЈАЕ-Just About Everyone“.

Во 2010 запишува додипломски студии на Скопје Танцовата академија при Универзитетот ЕСРА во Скопје, каде што изучува современ танц во класата на Рисима Рисимкин и станува дел од првата генерација современи танчари во Македонија. Била дел од повеќе танцови продукции и турнеи, но бележи и бројни самостојни проекти.

Првата Менада за млад уметник беше доделена на 15. издание на Танц фест во април 2019.