Новак Ѓоковиќ даде големо интервју за американското списание „Џи-Кју“ и откри каде сѐ уште наоѓа мотивација и дека семејството малку го наговара да се повлече од тениските терени.
„Дали ми поминала волјата за тенисот? И да и не. Се надевам дека ќе постигнам уште многу работи, ќе ги унапредам правата на играчите и ќе продолжам да ги развивам моите деловни проекти. Ако се гледа само од натпреварувачка перспектива, веќе не сум толку мотивиран“, кажа Ѓоковиќ.
Српскиот тенисер лани не освои ниедна гренд слем титула, но затоа си ја оствари долгогодишната желба да стане олимписки шампион. Веќе подолго време е на 24. гренд слем титули и 99. АТП-титули.
„Првиот кој почна да ме наговара да се повлечам е татко ми. Не инсистира, но веќе некое време ме наговара. Ги разбира и почитува моите одлуки, но често ме прашува што уште можам да постигнам. Свесен е дека стресот и напнатоста влијаат на сите околу мене и затоа ми кажа полека да почнам да размислувам за крај на кариерата“, рече Ѓоковиќ.
Додаде дека ќе одлучи дека е доста кога ќе почне почесто да губи и кога веќе нема да биде во конкуренција за освојување на големите трофеи.
„За да бидам во врвот, мора да го намалам бројот на турнирите што ќе ги играм и да се фокусирам само на најважните. Оваа година планирам да ги играм гренд слем турнирите и оние во пресрет на нив, особено на земја. По освојувањето на олимпиското злато многумина ми кажаа дека тоа беше вистинскиот момент за повлекување, но не гледам зошто би запрел ако и натаму се чувствувам способен да ги победувам најдобрите играчи“, кажа Ѓоковиќ.
(Фото: АП)