ТЕЈЛОР СВИФТ ЖЕСТОКО ЈА НАПАДНА МУЗИЧКАТА ИНДУСТРИЈА ОТКАКО БЕШЕ ПРОГЛАСЕНА ЗА ЛИЧНОСТ НА ГОДИНАТА

Њујорк, (Гардијан)

Тејлор Свифт жестоко ја нападна музичката индустрија поради третманот на младите поп-ѕвезди во интервјуто за „Тајм“, кој вчера ја прогласи за Личност на годината.

Откако беше во центарот на вниманието цела година благодарение на својата мегауспешна турнеја „Ери“, Свифт ги нападна издавачките куќи поради нивниот краткорочен пристап кон музичките ѕвезди, кои попрво ќе ги заменат отколку да ги негуваат.

„До времето кога уметникот е доволно психолошки зрел да се носи со работата, тие го исфрлаат на 29 години. Во 1990-тите и 2000-тите, музичката индустрија се однесуваше во стилот: ‘Да земеме група тинејџери, да ги фрлиме во оган и видиме што ќе направат. До времето кога ќе станат доволно мудри за да си ја вршат работата ефективно, ќе најдеме нови тинејџери‘“, изјави Свифт.

Таа додаде дека нејзиното решение е да го менува стилот на секој следен албум.

„Увидов дека секоја издавачка куќа активно работеше на тоа да ме замени. Затоа си помислив: ‘Јас ќе се заменам себеси со нова јас‘. Потешко е да се погоди подвижна мета“, рече Свифт.

Таа има објавено десет студиски албуми, на кои се осврна на турнејата „Ери“, која вклучи 151 концерт на пет континенти. „Ери“ стана најуспешната турнеја на женски изведувач во историјата, а Свифт ја направи милијардерка.

(Фото: АП)