Игор Џамбазов е дел од шоуто „Златна бубамара на популароста“ секоја година. Сношти во салата „Борис Трајковски“ актерот ја рецитираше „Т’га за југ“ од Константин Миладинов, во придружба на оркестар со кој диригираше Дијана Имери-Илкоска.
„Ќе ја рецитирам ‘Т’га за југ’ за сите оние кои си заминаа од Македонија. Подобро е за нив да останат, за нивно добро се молиме да останат, а ние ќе чекаме почесто да доаѓааат“, рече актерот.
Претходно, Џамбазов со музичарот Игор Атанасовски, познат како Гуру Харе, ја испеа неговата верзија на песната „Californication“ од „Ред хот чили пеперс“, која тој ја нарече „Македоникејшн“.
„Оваа песна ѝ ја посветувам на мојата сестра, Татјана Џамбазова, која живее во Калифорнија, во Сан Франциско“, рече Џамбазов.
Неколку години наназад, тој им оддава почит на познатите личности кои починале од претходната „Бубамара“. На видеобим се покажаа фотографии од Мето Јовановски, Владимир Ендровски-Љац, Ферус Мустафов, Димче Мешковски, Кире Костов.
М. ЏАРОВСКА