Том Мур, 100-годишниот воен ветеран кој лани собра речиси 33 милиони фунти за британските здравствени работници, е примен во болница со коронавирус. Неговата ќерка Хана Инграм-Мур кажа дека тој имал проблеми со дишењето и изминативе недели се лекувал од пневмонија, по што имал и позитивен тест за коронавирус. Тој не бил сместен на интензивна нега.
Мур досега не добил вакцина против ковид-19 зашто примал лекарства за пневмонија, кажаа од болницата во Бедфорд.
„Моите мисли се со Мур и неговото семејство. Вие ја инспириравте целата нација и сите ви посакуваме брзо заздравување“, напиша премиерот Џонсон на Твитер.
Мур ја сплоти Велика Британија кога минатата година покрена хуманитарна акција за Британската здравствена служба, така што сакаше да изоди 100 кругови во својата градина. Од планираните 1.000 фунти, на крајот беа собрани речиси 33 милиони фунти. По тој повод, Мур доби повисок армиски чин, а кралицата Елизабета Втора вонредно му ја додели витешката титула сер.