„ТРИ“ ЈА ИЗДАДЕ НОВАТА КНИГА ОД ГУРУТО ЗА МОТИВАЦИЈА РОБИН ШАРМА, „КЛУБОТ 5 НАУТРО“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во книжарниците на „Три“ од денеска е достапна книгата „Клубот 5 наутро“ од еден од највлијателните светски стручњаци за постигнување успех и личен развој, Робин Шарма.

Шарма е најпознат по бестселерот „Калуѓерот што го продаде своето ферари“, а новата книга е посветена на сите кои сакаат да го ослободат својот потенцијал и да достигнат врвен успех во приватниот и во професионалниот живот.

„’Клубот 5 наутро’ е книга за лична преобразба, во која Шарма го претставува концептот воведен пред дваесет години и втемелен врз револуционерната утринска рутина која веќе помогнала илјадници негови клиенти максимално да си ја зголемат продуктивноста, да си го подобрат здравјето и да уживаат во спокоен живот во ова динамично и стресно време. Резултат на четиригодишна посветена работа, оваа книга и самиот автор ја смета за свој најсериозен труд досега и верува дека таа поседува моќ трајно да го промени животот на секој што ќе одлучи да ги следи советите и правилата содржани во неа“, велат од издавачкиот центар „Три“.

Шарма е автор кој ужива голема популарност и кај македонската публика, која го познава по „Лидер без титула“, „Кој ќе плаче кога ќе те нема“ и „Водич кон величественоста“. Речиси 20 години, најуспешните го избираат Шарма за свој гуру, бидејќи во неговите зборови наоѓаат мудрост да постигнат значаен успех во сите области на животот. Неговите дела се продадени во 15 милиони примероци низ светот, што го прави еден од најчитаните писатели на денешнината.