„ТРИ СЕСТРИ“ ВО РЕЖИЈА НА ВАСИЛ ХРИСТОВ ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО ВО ТУРСКИ ТЕАТАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Режисерот Васил Христов за Турски театар ја постави претставата „Три сестри“ по мотиви од Чехов, чија премиера е закажана за вечерва во 20 часот во Театар Комедија, кадешто изминативе години работи неговиот ансамбл.

Христов по третпат работи во Турски, откако на почетокот на 1990-ите ја постави „Тетовирани души“, а во 2009 „Будење на пролетта“. Оваа претстава имаше само една изведба во рамките на Скопско лето.

„Се надевам дека ова ќе биде трета среќа и дека оваа претстава ќе има живот. Ансамблот е сега подмладен, театарот има нова управа и прекрасни желби и идеи како да се развива понатаму. Кон тоа води и оваа претстава. Се правеше со голема желба и емоција да се влезе подлабоко и поискрено во театарот како уметност, да говориме со искрен театарски јазик, меѓутоа поединечно, а не како народ, толпа, народности или како малцинства во Македонија. ‘Три сестри’ е рефлексија на секој поединец во општеството – човек кој сака да избега од себе, но не може. Сите му се криви, освен тој самиот“, вели Христов.

Играат Наџи Шабан, Емине Халил, Ерман Шабан, Жале Османли, Инес Радончиќ, Јеткин Сезаир, Неат Али, Селпи Керим, Сузан Акбелге и Џенап Самет. Сценографијата и изборот на музика ги направи режисерот, а костимите се на Роза Трајческа-Ристовска. Репризата е в недела.