Со повеќе од 3.000 хотели во целата област, Анталија во Турција е со години една од најпопуларните туристички дестинации. Годинава, уште од април летната сезона е веќе почната, а најбројни се туристите од Англија, Германија и Русија, како и македонските туристи и гостите од регионот, од Србија и Босна и Херцеговина како и Турците.
„Со години, работевме со речиси непроменети цени во хотелите. Годинава не ги замрзнавме цените, иако ако е до нас би сакале. Но во рамките на можностите и целото глобално посакапување и инфлацијата, хотелите во Турција се од 10 до 20 проценти поскапи годинава, некаде само 5 проценти од лани. Сепак за услугата сѐ вклучено со чартер лет мислам дека има добри понуди за безгрижен одмор на нашите гости“, вели менаџер од хотелот „Сиам елеганс“, кој може да се резервира само преку туристичката агенција „Фибула“, нашиот домаќин на медиумската инфо-тура низ целата област.
„До 2025 година планираме да станеме лидери во европскиот туризам и пошироко и напорно работиме на тоа“, велат турските хотелиери.
Ковид пандемијата не влијаела на туризмот во турското летувалиште. Хотелиерите велат дека ги научила на претпазливост. „Сега сме подготвени за секоја ситуација. Знаеме како да се заштитиме во случај на нова здравствена криза“, ни рече еден од менаџерите во хотелите „Селектум лакшри“ и „Селектум фемили“ во местото Белек.
Туристичките водичи кои им се во секое време достапни на гостите, велат дека македонските гости најмногу ги избираат Сиде или Аланија поради ситниот песок, како и Белек, а гостите од Босна и Херцеговина Кемер, нив им се допаѓаат плажите со камења и бистрата вода. Областа Лара ја сакаат оние не сакаат да патуваат многу, затоа што е најблиску до аеродромот во Анталија. Кемер има најпријатна клима и најмала влажност на воздухот, затоа што е сместен во подножјето на западните Таур планини.
„Погледнете горе, на некои места уште ѕирка снег. Нашиот хотел е отворен во текот на целата година, а има туристи кои доаѓаат во март и во април и за скијање и за плажа. Ски лифтовите и тогаш работат. По скијање, тие доаѓаат на капење, и нема подобра комбинација“, вели менаџер од хотелот „Палома фореста“ во Кемер и додава дека во просек околу 20 македонски семејства летуваат таму секоја година.
Залезот на сонцето е еден од најубавите во хотелот „Балми бич“ во Кемер, а вечерата на терасата со панорамски поглед кон морето и музика во живо ретко доживување. За сите хотели кои работат семееен концепт, децата се главни гости, па за нив се организираат посебни тематски забави и анимации.
Еден таков хотел е „Шервуд ресорт“ во Кемер, каде што гостите се сместени главно во бунгалови кои излегуваат на речиси приватен базен, неколку бунгалови користат еден базен со приватни лежалки. Со семеен концепт и е и хотелот „Гринвуд“ исто така во Кемер. Една од најубавите плажи со најчиста вода е во хотелот „Мираж“ во Кемер, со свој мини шопинг центар. Овој хотел нуди и посебен ресторан за безглутенска храна.
Во Сиде, домаќините се најљубезни. Интересни приказни за гостите имаше менџерот од хотелот „Терас бич“.
„За нашите гости, се грижиме како да ни се семејство. Доаѓаат доста возрасни лица од Англија и од Германија, на пример повозрасни жени кои летуваат сами. Има и такви кои се движат потешко па им помагаме безбедно да стасаат секаде. Имаме повеќе редовни гости кои се враќаат секое лето, тие ни се навистина како семејство“, вели менаџерот. Во хотелот „Терас елит“, меѓу турските и светски хитови покрај базенот се пушта и македонска народна музика, во случајов песната „Твојте очи Лено мори“. Овде тимот за анимација е еден од најдобрите, велат гости од Германија. Хотелот „Акра соргун“ во Сиде е еден од најубавите на ривиерата со најмногу зеленило, со посебно одделени делови за семејства и места каде што примаат само возрасни гости. Уште еден рај за возрасните гости е хотелот „Лаго“ кој има направено плажа во стилот на сината лагуна покрај еден од своите базени. Хотелот „Сиде ројал стајл“ има своја градина за органски зеленчук за гостите на што се многу горди, а нивниот менаџер вели дека често сака да доаѓа во Македонија.
Во Белек, еден од најлукзусните и вкусно уредени хотели е „Каја палас“, а еден од најпопуларните за гостите од Англија е „Регнум карија“, каде што се одржуваат концертите на светските поп-ѕвезди. Џенифер Лопез пеела таму во 2018 година со билети кои чинеле над 200 долари, а гостите на хотелот биле бесплатни. „Таа беше многу приземна и скромна. Имаше свој готвач затоа што внимава на исхраната но се симна и во главниот ресторан и појадуваше со гостите, се сликаше со нив и им даваше автограми“, вели менаџерот од „Регнум“ кој ексклузивно ни најави дека на 31 јули, концерт во хотелот ќе одржи Рики Мартин. Во овој хотел се одржал и економскиот Г-20 самит во 2015 и повеќето светски лидери биле сместени таму. Сликите од повеќето од нив се на ѕидот на хотелот.
Една од најпопуларните и најпродаваните екскурзии е рафтингот во Анталија во кањонот Копрулу за која водичите велат дека е исплатлива затоа што е излет две во едно. Рафтинг, возење со џип сафари и вклучен ручек е комбинација која авантуристите ја избираат. Реката е со тиркизно сина боја, а додека да стасате до местото каде што се трга со чамец, се посетуваат неколку прекрасни предели со незаборавни панорамски глетки. Додека ручате, фотографиите и снимките од рафтинг авантурата се веќе готови.
Популарна тура е и крстарењето од Аланија, со вклучен ручек на бродот, со паузи за капење близу една од најубавите плажи во регионот, Клеопатра.
Анталија е уникатна и поради љубезните домаќини кои се секогаш насмеани, поради тоа што има 300 сончеви денови во годината, сезона која трае преку целата година на 400 километри долгиот морски брег.
М.ЏАРОВСКА