„БРИЏЕРТОН“ СТАНА НАЈПОПУЛАРНАТА СЕРИЈА ВО ИСТОРИЈАТА НА „НЕТФЛИКС“

Њујорк, (Би-Би-Си)

Историската драма „Бриџертон“ стана најпопуларната серија во историјата на „Нетфликс“, објави стриминг гигантот. Серијата била гледана во 82 милиони домаќинства во првите 28 дена откако била ставена во понудата, надминувајќи ги очекувањата на компанијата.

Таа е најгледана содржина на „Нетфликс“ во 83 земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Индија, Франција и Бразил.

„Ова се луди вести. Многу сум горда на неверојатниот тим кој стои зад серијата“, изјави една од ѕвездите на серијата, Фиби Дајневор.

„Бриџертон“ е сместена во Лондон во почетокот на 19. век и се опишува како историска верзија на популарната тинејџерска серија „Озборувачка“. Станува збор за адаптација на серија романтични романи на Џулија Квин и го следи животот на семејството Бриџертон во високите кругови на Лондон. Веќе е потврдено дека ќе има и втора сезона.