ЕДИ МАРФИ СЕ ВРАЌА НА СТЕНД АП КОМЕДИЈАТА ЗА 70 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Лос Анџелес, (Индивајр)

Еди Марфи им се враќа на своите корени, стенд ап комедијата, откако добил богата понуда од „Нетфликс“.

Како што објави сајтот ТМЗ, 58-годишниот Марфи е во преговори за засега неодредена бројка специјални стенд ап епизоди, вредни 70 милиони долари. „Нетфликс“ претходно успеа да ги договори Крис Рок за 40 и Дејв Шапел за 60 милиони долари, односно по 20 милиони по епизода.

Марфи со години го најавува своето враќање на стенд ап комедијата, во којашто и ја почна кариерата во 1970-ите. Неговиот стенд ап филм од 1987 година „Eddie Murphy Raw“ беше огромен хит и заработи 50,5 милиони долари.

Тој беше член на екипата на „Сабота вечер во живо“ во почетокот на 1980-ите, а потоа исклучиво му се посвети на филмот. Марфи речиси го снема од Холивуд изминатава деценија и годинава треба да му излезе првиот филм по три години пауза.