ФИНАЛНАТА СЕЗОНА НА „ИГРА НА ТРОНОВИ“ СЕ СНИМАЛА ПОД СТРОГИ МЕРКИ НА ПРЕТПАЗЛИВОСТ

Лос Анџелес, (Холивуд рипортер)

Снимањето на последната, осма сезона на „Игра на тронови“ и официјално заврши по девет месеци и главните актери Кит Харингтон, Мејзи Вилијамс, Софи Тарнер и Емилија Кларк, секој на свој начин, се збогуваа со ликовите, со кои буквално пораснаа.

Тарнер, која имаше 15 години кога почна да ја игра Санса Старк, вели дека тешко го поднесла крајот на снимањето.

„Да се остави Санса зад мене беше како развод, како смрт во семејството. Разделбата со ликот ми беше најтешко нешто, затоа што низ целиот процес на раснењето бев и Софи и Санса. Двата света неретко ми беа измешани и таа имаше големо влијание врз мене. Но, ќе бидам добро, ветувам“, кажа Тарнер.

Таа откри и како снимањето на последната сезона се одвивало под најстроги мерки на претпазливост.

„Никој не доби физичка копија на сценариото. Сѐ добивавме во дигитална форма како апликација ден пред снимањето и документот сам се бришеше по 24 часа. Исто така, на сетот имаше забрана за фотографирање и преку камерата на мобилниот моравме да носиме лепенка. Секој член на екипата имаше кодно име, па никој однапред не знаеше кој е на снимањето тој ден“, вели Тарнер.