ПЕТИЦИЈАТА ЗА РИМЕЈК НА ФИНАЛЕТО Е НАВРЕДЛИВА, ВЕЛАТ АКТЕРИТЕ ОД „ИГРА НА ТРОНОВИ“

Њујорк, (ДПА)

Над 1,3 милиони обожаватели, поточно екс-обожаватели, досега ја потпишале петицијата за одново снимање на последната, осма сезона од мегапопуларната ТВ-серија „Игра на тронови“, но екипата смета дека барањето на публиката е навредливо.

„Дејвид Бениоф и Д. Б. Вајс се докажаа како неспособни писатели кога немаат изворен материјал за да се поткрепат на него. Оваа серија заслужува последна сезона која има логика. Ејч-Би-О, земете ги предвид нашите очекувања и сторете го тоа“, стои на петицијата почната пред две недели, после чeтвртата епизода.

„Сметам дека ова е непочитување кон екипата, писателите и филмските работници кои неуморно работеа повеќе од 10 години, како и 11 месеци на снимањето на последната сезона. Третата епизода ја снимавме повеќе од 50 ноќи. Толку многу луѓе напорно работеа и сега наеднаш сето тоа треба да се избрише бидејќи на некои луѓе не им се допаѓа, тоа е големо непочитување“, изјави Софи Тарнер, која ја играше Санса Старк за „Њујорк тајмс“.

Ајзак Хeмпстед Рајт (Брен Старк) критиките ги сфати многу полично.

„Тоа е апсурдно. Смешно е луѓето да бараат поинаков крај само зашто не им се допаѓал. Глупаво е што го примив тоа лично, очигледно не требаше. Мое мислење е дека имаше прекрасно финале“, изјави тој за „Холивуд рипортер“.

Џејкоб Андерсон, кој го играше Греј Ворм, исто така смета дека петицијата е навредлива.

„Екипата на ‘Игра на тронови’ е најтрудољубивата екипа која сум ја запознал. Да се тривијализира нивната работа на таков начин е жално“, изјави тој.

И покрај реакциите, Ејч-Би-О соопшти дека последната епизода ја гледале рекордни 19,3 милиони гледачи, не вклучувајќи ги оние кои ја гледале онлајн.