ПО ШВЕДСКА, „ЗОКИ ПОКИ“ ЌЕ СЕ ЕМИТУВА И НА НОРВЕШКАТА НАЦИОНАЛНА ТЕЛЕВИЗИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонската ТВ-серија „Зоки Поки“, освен во Шведска, ќе се емитува и на норвешката национална телевизија НРК, објави продуцентот „Кино око“. На 9 февруари беше објавено дека шведскиот национален канал СВТ ги откупил правата за „Зоки Поки“, работена според истоимената култна книга на Оливера Николова.

„Досега немало македонска серија и воопшто програма од овие простори што се емитувала во двете скандинавски земји“, велат продуцентите.

Договорот за емитување во овие две земји е постигнат со дистрибутерот „Видеоплугер“ од Лондон.

„Кога Роберт Насков ни ја покажа оваа убава серија, веднаш знаевме дека треба да ја споделиме со светот. Квалитетот на фотографијата, глумата и приказните ѝ даваат филмски квалитет на серијата, што е реткост во детските телевизиски програми“, вели извршниот директор Емануеле Галони.

Првата сезона на модерната екранизација на легендарната книга на Николова се емитуваше лани во мај.

Режисер на серијалот е Александар Поповски, а десетте епизоди ги режираа и Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Адаптацијата на серијата ја работеа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска. Зоки Поки го игра Матеј Настевски, Лидија е Анастасија Аневска, Боки е Матео Матоски, а Гоки е десетгодишниот Матеј Зимбаков. Сашко Коцев и Даниела Иваноска ги играат родителите на Зоки, а бабата е Сабина Ајрула-Тозија.