РОТЕРДАМ ЈА ЗАКАЖА ЕВРОВИЗИЈА ЗА МАЈ 2021, НО ЗАСЕГА НЕ Е ПОЗНАТО ВО КОЈ ФОРМАТ

Ротердам, (Ројтерс)

Следното издание на Евровизија ќе се одржи во мај во Ротердам, иако организаторите сѐ уште не се сигурни во кој формат поради рестрикциите што се на сила низ светот поради пандемијата на коронавирусот. Учеството го потврдиле 41 земја, меѓу кои и Македонија.

Полуфиналните вечери ќе бидат на 18 и 20 мај, додека финалето е закажано за 22 мај.

Европската радиодифузна унија кажа дека разработува четири сценарија, од релативно нормално издание до верзија во која што Холандија е во карантин. Во вториот случај би немало публика. Организаторите сметаат дека настапите во живо со ограничена публика и со мерки на социјално дистанцирање би биле можни во арената „Ахој“.

Песните што требаше да се изведат годинава отпаѓаат, но 19 држави веќе потврдија дека ќе го испратат истиот изведувач. Македонија оваа година требаше да ја претставува Васил Гарванлиев со песната „Ти“.