СЕРИЈАТА „КРУНА“ ИМА НАЈМНОГУ НОМИНАЦИИ НА ТВ НАГРАДИТЕ БАФТА

Лондон, (Би-Би-Си)

Последната сезона на серијата „Круна“ на Нетфликс ги води овогодинешните номинации за ТВ наградите БАФТА, и покрај контроверзите околу нејзиното прикажувањe.

Шестата сезона на кралската драма, која ги опфаќа настаните од 1990-тите, вклучувајќи ја и смртта на принцезата Дијана, е номинирана за осум награди, а серијата доби мешани критики од критичарите.

Четворица актери во „Круна“ добија номинации, меѓу кои и Елизабет Дебицки, која ја играше принцезата Дијана. Серијата го подели мислењето кога духот на покојната принцеза им се појави на принцот Чарлс и на кралицата.

Доминик Вест е номиниран за улогата на Чарлс. Актерот за Би-Би-Си во декември лани изјави дека може да разбере зошто луѓето мислеа дека последната сезона е „премногу блиску до вистинските настани и дека тагата е сè уште толку реална“.

Во критиката на „Гардијан“ се вели дека „се граничи со експлоатирачкото“, додека „Телеграф“ ја нарече серијата „наметлива и несмасна“.
Лесли Менвил, која ја играше принцезата Маргарет и Салим До, кој го игра Мохамед Ал-Фајед, се номинирани за споредни улоги во серијата.