УМЕТНИЦАТА СЛАВИЦА КУПЕНКОВА СО ИЗЛОЖБА НА ДЕЛА ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во Европската куќа во Велес отворена е изложба на дела на Славица Купенкова. Изложбата е насловена „Визуелни таписерии“, а делата се поделени на три теми. Има дела работени во традиционална техника со јаглен, дела работени во акрил, дигитални портрети и стрипови.

„Делата работени со јаглен се актови, ги покажуваат жената, женската сила, женската моќ, женственоста. И кај делата работени во акрил доминира жената преку нејзините фаталност и мајчинство. Работам и дигитално сликарство“, кажа Купенкова.

Нејзините почетоци се во стрип уметноста, со стрипот „Училишните авантури на Јан“. Таа е и автор на стрипот „Одисеја“, кој е меѓународно награден. Купенкова црта илустрации за детските списанија „Росица“ и „Другарче“.

Следен план на Купенкова е издавање на графички роман инспириран од нејзиниот син, за мајка која животните лекции ги дава преку цртежи.

П. ПЕЧКОВ