ВЕЧНО МЛАДАТА ШЕР НАПОЛНИ 75 ГОДИНИ И НАЈАВИ СНИМАЊЕ НА ФИЛМ ЗА НЕЈЗИНИОТ ЖИВОТ

Лос Анџелес, (Гардијан)

Шер ги изненади фановите за својот 75. роденден дека се подготвува биографски филм за нејзиниот живот. Американската пејачка и актерка, која низ речиси шестдецениската кариера постојано одново се откриваше себеси, ќе биде еден од продуцентите на филмот, што ќе го снима „Јуниверзал“, а сценариото ќе го пишува авторот на „Форест Гамп“ и „Ѕвезда е родена“, Ерик Рот.

Со Сони Боно во 1965

Родена како Шерилин Саркисијан на 20 мај 1946, Шер ја почнала музичката кариера откако на 18 години го запознала Сони Боно, кој бил 11 години постар од неа. Нивната креативна соработка траеше до 1977, а, во меѓувреме, поминаа и седум години во брак.

Шер сними 26 студиски албуми во кариерата, продадени во повеќе од 100 милиони примероци и имаше неколку музички камбека, успешно прилагодувајќи се на сите ери. Успешен трансфер направи и на филм, освојувајќи оскар за најдобра актерка во 1988 година.

Во 1988 освои оскар за најдобра актерка

„Да се биде Шер понекогаш е смешна, валкана работа, но некој мора да ја врши. Доволно сум стара да бидам млада и доволно сум млада да бидам стара, па мора да бидам креативна“, кажа своевремено Шер, која секогаш била и политички и социјално активна и се ангажираше во разни проекти.