Третото издание на фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ во Дојран ќе се одржи од 7 до 11 август, а годинашниот лауреат на наградата „Мето Јовановски“ за извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот е актерот Владо Јовановски, сооштија организаторите.
Претседателката на Советот на фестивалот, Мими Ѓоргоска-Илиевска, рече дека за време на фестивалот ќе биде организирана посебна вечер за првиот лауреат на наградата „Мето Јовановски“, каде што посетителите ќе имаат можност да погледнат мал дел од филмските остварувања на Владо Јовановски, но и да разговараат со него.
Директорот на фестивалот Јани Бојаџи кажа дека се одбрани пет долгометражни филмови во официјалната натпреварувачка селекција, од кои четири играни и еден документарен. Во официјалната програма за награди се и девет краткометражни филма. Фестивалот ќе се отвори со српскиот филм „Руски конзул“, последен што го снимија и Мето Јовановски и Жарко Лаушевиќ, кои починаа во 2023.
Бојаџи најави дека ќе отворат фонд за дипломски филмови на студентите по режија, кинематографија и продукција од сите универзитети за филм во државава.
„Фондот е во висина од 50.000 евра. Доделуваме три гранта за снимање дипломски краткометражни играни или документарни филмови од по еден милион денари. Ќе им дадеме рок од 12 месеци на студентите да ги завршат своите филмови“, кажа Бојаџи.
Фото: Петар Волнаровски од Кинотеката и организаторите на „Преку езерото“, Владо Карпузовски, Мими Ѓоргоска-Илиевска и Јани Бојаџи