ВОЗБУДЕН СУМ ШТО И ГОДИНАВА ЌЕ ГИ ИЗРАДУВАМЕ ДЕЦАТА СО АТИПИЧЕН РАЗВОЈ НА НАСТАНОТ „ПОВТОРНО ЗАЕДНО“, ВЕЛИ ДЕНИС ЈАНКУЛОВСКИ-КОСМОНАУТКО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 21 април од 11 до 14:30 часот, на сцената „Школка“ во скопскиот Градски парк, ќе се одржи манифестацијата „Повторно заедно“, која ќе биде забава за децата со атипичен развој. Денис Јанкуловски од Центарот за јавно здравје, кој за време на пандемијата стана популарен на социјалните мрежи и во јавноста како Денис Космонаутко, петта година по ред со голем ентузијазам е дел од организацијата на овој настан.

Јанкуловски е претседател на здружението „Аутизам ААМК“, кое го организира настанот.  Во медиумите и на неговиот Фејсбук профил тој постојано апелира до луѓето да им помагаат на децата ао аутизам и да се обидат да го разберат нивниот свет.

Јанкуловски со тимот волонтери на минатогодишниот настан за децата со атипичен развој кој беше насловен „Растеме заедно“ (Фото: Фејсбук)

„На 21 април на ‘Школка’ ќе бидеме ‘Повторно заедно’ по петти пат. Тој ден ќе биде една огромна игротека на отворено, каде што покрај многуте игри ќе има и други разновидни активности, како песни, музика, претстави и што уште не. Тој ден ќе играме домино, не лути се човече, плочка и друго, ќе пееме, цртаме, боиме, ќе нѐ цртаат со бои, ќе нѐ шминкаат и ќе ни прават фризури, ќе играме фудбал, ракомет, ќе учиме знаковен јазик и како со прстите да правиме интересни сенки. Покрај ова, ќе дознаеме што значи да се биде извидник, како се местат рубиковите коцки и уште многу други активности. И нешто многу убаво: учениците од Средното училиште за рехабилитација и образование ќе ни покажат дека и тие знаат да подготват нешто вкусно, а ние ќе пробаме“, вели Јанкуловски.

Она на што тој и неговите соработници се многу горди е што тој ден, како што вели, „Школка“ е инклузија. Јанкуловски вели дека тој ден секој се пронаоѓа во нешто или во сѐ и сите играат заедно.

„Но, оваа година, таа инклузија ќе ја претставиме на уште еден начин, односно ќе покажеме дека лицата со атипичен развој не само што сакаат да играат, туку сакаат и можат да бидат и инструктори или асистенти, односно ќе бидат активно вклучени во организирањето на активноста. Овој момент, всушност, ќе биде инклузија во пракса. Иако има речиси два месеца до настанот, многу учесници и фирми веќе се вклучени и секојдневно се вклучуваат, секој на свој начин, онолку колку што може и како може. Дали како волонтери, спонзори, донатори или помагатели, сите тие несебично ја покажуваат својата хумана страна. Желбата кај нив е огромна и нас тоа многу нѐ радува, затоа што покажува дека ги препознаваат нашите искреност, чесност, идеја и цели, кои, всушност, ни се заеднички на сите, а тоа се детска радост, задоволни родители, прифатени, почитувани и вклучени лица со атипичен развој“, вели Јанкуловски.

Неговата возбуда пред „Школка“ секоја година е иста, започнува наредниот ден кога ќе заврши претходната и секојдневно расте до последниот ден.

Јанкуловски е претседател на здружението „Аутизам ААМК“, кое го организира настанот (Фото: Фејсбук)

„Вечерта пред настанот мислам дека и не спијам. Во однос на тоа како стигнувам да се посветам, има неколку битни моменти. Прво, мојата огромна желба да го правам ова што го правам, затоа што уживам во сѐ што е поврзано со настанов, па и на секој друг што го организираме. Второ, огромната поддршка од семејството, затоа што ако ја немам, тогаш многу тешко би се направило што било. Трето, ова сам не се прави, а јас ја имам таа огромна среќа да ги имам Весна, Биби, Тања, Филип, кои ја имаат истата енергија и желба. Можам слободно да речам дека ние сме како едно семејство, после толку години веќе и само со поглед се разбираме“, додава тој.

Денис Јанкуловски-Космонаутко е среќен што ги има стотиците волонтери и сите оние кои дизајнираат, печатат, и ја снабдуваат екипата со потребни материјали и реквизити и делат подароци.

„И секако, најголемиот елан, најголемиот ветер во грб не само мене, туку на сите нас, ни се децата, затоа што ‘Школка’ е нивна. Тој ден тие се главните актери, таму сме сите за нив. Нивните среќа, насмевки, радост и прегратки, но и преубавите зборови и поддршка од нивните семејства после секој настан се показател дека сме направиле убав настан и уште позначајно, сме ја постигнале целта да бидеме гласни за инклузијата, да покажеме дека лицата со атипичен развој се тука, меѓу нас и не само што сакаат, туку и зааслужуваат да бидат со нас или поточно кажано, да бидеме заедно. Тие можат, умеат многу, сакаат да им биде овозможено да го покажат тоа, да бидат видени и чуени, затоа што тие се рамноправен дел од општеството. Ова особено се однесува на институциите. А, ние за почеток треба да им подадеме рака и заедно да чекориме, да бидеме Јинг и Јанг. Понатаму лесно ќе оди“, кажа Јанкуловски.

М. ЏАРОВСКА