Бесфорт Идризи, деканот на Факултетот за драмски уметности при УКИМ и Александар Марјановиќ, директорот на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, потпишаа меморандум за соработка чија цел е да се поттикнат децата на читање.
Како дел од активностите, во план е изработка на јавно достапни содржини во вид на аудиозаписи од читања на извадоци од книги за деца.
Со потпишувањето на овој меморандум, Факултетот заедно со своите сегашни и некогашни студенти ќе земе учество во проектот на Фондацијата за поттикнување на љубовта кон читањето кај децата. Тие ќе читаат делови од книги за деца, а нивните аудиозаписи ќе бидат поставени на јутјуб каналот на Фондацијата.
„Користењето на аудиоснимка од книга има сличен ефект како родител кога чита приказни пред спиење. Слушањето приказни што се читаат на глас го вклучува мозокот на детето да обработува информации, ги вклучува сите мозочни мрежи и поттикнува на размислување. Им помага на децата да го развијат својот речник, да ги подобрат вештините за разбирање и имагинација и да ја подобрат когнитивната способност“, изјави Александар Марјановиќ.