Новиот роман од Зоран Спасов-Ѕоф, „И јас сум Сирма“ ќе биде промовиран на 14 ноември во 20 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ) Скопје. Книгата, која е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе ја промовира професорката Татјана Алексиќ, а модераторка на настанот ќе биде уредничката Татјана Димовска-Атанасова. Гостинка во улога на Сирма ќе биде младата актерка Јована Спасиќ. По промоцијата, ќе има насрап на на „Сирма рок’н’рол бенд“.
„’И јас сум Сирма’ не е роман, туку нешто меѓу сага и еп. Станува збор за збирка приказни што ‘авторката’ ги има собирано во изминативе 16. века. Таа вели дека сè што напишала е вистина, но искрено мислам дека некои делови се пренесени со прекумерна доза на патриотизам. Особено кон соседите. Но… таков е нејзиниот табиет: горд, искрен, чесен, мил, полн со емпатија. Напати ме потсетува на некого: на мајка ти, баба ти, на мајка ми… но најмногу од сè ми личи на Македонија. Двете делат иста судбина, со секој здив, со секој збор, со секоја реченица“, вели авторот.
Досега ги има напишано: „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Џабе живиш у Скопје“ и „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“.