ЗОШТО ПРИНЦОТ ХАРИ И МЕГАН СЕ ДРЖАТ ЗА РАКА ВО ЈАВНОСТ, А БРАТ МУ ВИЛИЈАМ И КЕЈТ НЕ

Њујорк, (Њујорк Тајмс)

Принцот Хари и американската актерка Меган Маркл минатиот месец прв пат се појавија во јавност како двојка на официјален настан. Хари и Меган во Торонто гледаа тениски натпревар на лица во инвалидски колички. Дојдоа држејќи се за раце и си разменуваа нежности за време на натпреварот.

За разлика од принцот Хари, принцот Вилијам и сопругата Кејт, не можат да се видат во јавност како се држат за рака, а уште помалку како разменуваат нежности. Постојат повеќе објаснувања зошто Хари и Меган можат во јаност да се држат за рака, а Вилијам и Кејт не.

Принцот Вилијам е наследник на британскиот престол, додека Хари по раѓањето на третото бебе на Вилијам и Кејт ќе биде шести во редот за наследници на кралската круна. Вилијам и Кејт мораат да имаат посоодветно однесување кога се појавуваат на јавни настани, бидејќи се најблиску до преземање круната и ќе го претставуваат целиот народ на Велика Британија.

Вилијам го следи однесувањето на кралицата Елизабета Втора, која во јавноста ретко покажува емоции кон принцот Филип. Ваквото однесување може да се нарече дека е непишано правило во настапите на кралското семјество.

Однесувањето многу зависи и од тоа каков е настанот на кој што членовите на кралското семејство се појавуваат. Кога станува збор за спортски настани, дозволено е членовите на кралското семејство да се смеат, шегуваат и да се облекуваат лежерно, дури и би изгледало чудно и несоодветно, доколку тоа не го прават. Иако поретко во опуштена варијанта, Вилијам и Кејт се појавуваат за време на тенискиот турнир Вимболдон во Лондон.