ЅВЕЗДАТА НА „КУЌА ОД КАРТИ“ РОБИН РАЈТ ТАЈНО СЕ ВЕНЧАШЕ ВО ФРАНЦИЈА

Париз, (Вог)

Актерката Робин Рајт се омажи за Французинот Клеман Жироде, кој работи како менаџер за ВИП гости во модната куќа „Ив Сен Лоран“.

„Пипл“ и француски „Вог“ објавија дека двојката тајно се венчала изминатиов викенд на приватна церемонија во јужна Франција.

Веста за свадбата ја потврди ќерка на Рајт, Дилан, која на Инстаграм објави кусо видео со пост „Свадбени вибрации“. На видеото, гостите весело танцуваат облечени во бохо модели.

Медиумите лани пишуваа дека 52-годишната ѕвезда на „Куќа од карти“ се свршила со Жироде (Фото: Гети)

„Тоа беше интимна венчавка со мал буџет. Робин сакаше тоа да биде ден за нив, а не некаков спектакл“, вели изворот на „Пипл“.

Педесет и двегодишната ѕвезда на ТВ-серијата „Куќа од карти“ и Жироде ја криеја нивната врска, а се шпекулираше дека се свршиле есеноска.

Рајт претходно беше мажена со Шон Пен, од 1996 до 2010 година, со кого ги има ќерката Дилан и синот Хупер.