Париз, градот на светлината, љубовта и реката Сена, беше позадината на колекцијата на „Шанел“, која покажа дека дизајнерот Карл Лагерфелд сѐ уште е на врвот на модата на 84-годишна возраст.
Ѕвезди како Пенелопе Круз, Фарел Вилијамс и Лили Ален аплаудираа по завршувањето на ревијата, во склоп на Париската модна недела на висока мода.
На шоуто имаше и кино проекција, со внимателно одбрани инсерти од парискиот градски пејсаж. Ниту деталите не беа запоставени, од катанците на познатиот Мост на уметноста, тротоарите, тезгите со книги, до величествената Француска академија, сето тоа беше направено со неверојатно реалистични детали и сместено во внатрешноста на Големата палата.
Додека голем дел од колекцијата имаше ретро призвук од крајот на 40-ите години, со чизми до глуждовите и со фасцинантни капи, имаше и модели во викторијански стил со сатен и тил, со сјаен твид и долги ракави.
„Шанел“ претходно објави дека 44-годишната шпанска ѕвезда Пенелопе Круз ќе биде ново заштитно лице на модната куќа.