„Нетфликс“ објави прва фотографија со Оливија Колман (44) како кралицата Елизабета Втора во серијата „Круна“. Таа ја презема улогата од Клер Фој (34), која играше во првите две сезони, бидејќи дејството продолжува во 60-ите и 70-ите години на 20. век.
Облечена во бледо розов костим, со препознатливите кадрици, бисерен ѓердан, брош и со чај во раката, актерката докажува дека лесно се справува со кралската ролја. Официјалниот профил на „Круна“ на Твитер ја објави сликата, со едноставниот пост: „Трпение”.
Пред почетокот на снимањето во јули, Колман откри дека го вежба акцентот на кралицата со мала помош од нејзината претходничка.
„Навистина имам трема да преземам нешто што е толку големо. Ми дадоа одличен тренер за вокал, кој ќе се погрижи да говорам како кралица“, изјави Колман за „Сан“, додавајќи оти Фој ѝ рекла дека може да ја побара за совет во секое време.
Оливија ќе глуми заедно со Тобајас Мензис, кој ќе ја преземе улогата на принцот Филип од Мет Смит.
Според „Дедлајн“, 44-годишниот глумец, кој стана популарен со „Игра на тронови“, бил избран за улогата откако Пол Бетани се повлекол уште на почетокот на преговорите.
Колман и Мензис ќе ја играат кралската двојка уште две сезони, кога повторно ќе дојдат нови глумци, со цел автентично да ги прикажат ликовите како што стареат.
Првата сезона на „Круна“ беше една од најнаградуваните и најфалени ТВ-драми, освојувајќи два Златни глобуси, а беше номинирана за четири БАФТА и за пет Еми награди. Првите 10 епизоди чинеа најмалку 100 милиони фунти, што ја направија најскапа драма досега продуцирана од „Нетфликс“.